„Вардарци“ со акција „Јужна не ја даваме“: Самсоненко со ова си бара повод да замине од клубот!

Вардаровите навивачи покренаа акција „Јужна не ја даваме“ по објавата од страна на раководството на Вардар дека за натпреварот против Фенербахче од квалификациите за Лигата на Европа, Јужната трибина од „Телеком арената“ е комплетно отстапена, за однапред договорена финансиска обврска, на гостинскиот клуб и неговите навивачи.

Сето тоа наиде најпрво на силна вчудоневиденост кај домашната фудбалска јавност, а потоа и на огромен револт меѓу вардаровите симпатизери и навивачи. Во година во која постојано се нагласуваше и желбата и амбицијата на клубот да стигне и до групната фаза во едно од двете најголеми европски клупски натпреварувања, во плеј-оф рундата да се отстапи половина стадион на гостински навивачи за вардаровите поддржувачи е повеќе од предавство од страна на раководството на клубот и неговиот сопственик Сергеј Самсоненко, најпрво на сопствените фудбалери а потоа и на целокупната вардарова јавност.

Токму поради тоа веќе е активирана акција за, како што велат, одбрана на нешто кое не може и не смее да биде на продажба.

print za vardarova kolekcija„Повеќе од јасно дека ова е масло, лично на сопственикот на клубот, и свесно се сака да се испровоцираат инциденти од несакани размери (главите веќе се зовриени кај многумина) за да веројатно тој си најде повод да се извлече од клубот. И ако од неговите безброј директорчиња и пиунчиња (Самоил, Давор, Ратко, Мојсо), а всушност тешки фудбалски аналфабети, за кои Вардар е само место на вработување, не ни очекуваме било какво реакција, и те како чекаме да се произнесат оние што имаат некаква фудбалски тежина во клубот. Такви во моментот во Вардар се претседателот Спасески, спортскиот директор Панчев, помошникот Васоски и повеќемина кои работат во младинската школа: Бабунски, Милошевски, Калц, Трајановски, Рап-Тап. И додека за претседателот не би биле изненадени ако не се потресе воопшто, бидејќи него мува не го лазеше, ни кога како генерален уредник на Македонски Спорт му го шутираа вардаровото лого на насловна, ама еве вака јавно да ги прозвеме останатите: Како би им било на нив кога активно настапуваа за Вардар, раководството да им ја отстапело централната јужна трибина на навивачите од големата екс-ЈУ четворка, на Динамо Букурешт, на Данди Јунајтед, на Пелистер, на Слога, на ЦСКА Москва, на Спарта Прага? Дали момците што денес го носат дресот на Вардар заслужуваат да играат пред 12 илјади турски навивачи среде Скопје?! Ставете се во нивна кожа барем за еден момент“ – пишува еден од иницијаторите на акцијата.

Вардаровите навивачи повикуваат дека мора да се сочува образот на клубот и градот. Тоа е обврска на сите генерации „вардарци“ во историјата…

„Токму така господа, јавноста очекува од вас да застанете во одбрана на вардаровите интереси затоа што вие како директни учесници на теренот, најубаво знаете што значи хукот од Јужната трибина, и како истиот ве носел вас и клубот до многу успеси! Не дозволувајте да останете запаметени во историјата, исто како бескичмењаците на Самсоненко. А тој веројатно се уште не е свесен дека си пукаше во колено и повеќе нема што да бара во овој клуб и овој град! Култната јужна трибина од историска важност за генерации и генерации Скопјани, не е на продажба по ниедна цена! И со тоа што се дрзна на таков крајно безобразен чекор, стана наш најголем непријател! Наша обрвска е да се спротиставиме на ова самоволие и да го сочуваме образот на клубот и градот“.

Веќе се најавува и бојкот на натпреварот против Фенербахче кој се игра на 17. август со почеток од 20 часот на „Телеком арената“. Билетите за натпреварот, по цена од 2.000, 2.500 и 3.000 денари, само за Северната и Западната трибина за македонските државјани, од вчера веќе се пуштени во продажба.

Се вчитува...