Вардарци убедливи против Џио Струмица во одбојкарското дерби

Одбојкарскиот клуб Вардар славеше убедлив триумф на гости од 0-3 во сетови (16-25, 14-25, 22-25) против актуелниот освојувач на двојната круна, Џио Струмица, во дербито на есенскиот дел од шампионатот во елитното македонско одбојкарско натпреварување.

Домаќинот лошо влезе во натпреварот, имаше слаб сервис и неколку грешки на прием, а тоа „црвено-црните“ умееја да го искористат и го добија првиот сет со 16-25. Уште полесно излегоа на крај во вториот сет дозволувајќи им на струмичани да стигнат до 14.

Особено интересен беше третиот сет. Џио Струмица стартуваше фуриозно, поведе со 11-4, но потоа вардарци влегоа во ритам, израмнија на 15-15 и успеаја да направат целосен пресврт добивајќи го и третиот сет со 22-25. Иако има уште две кола до крајот на есенската полусезона, многу веројатно е дека Вардар ќе презими на врвот.

Јовица Симовски беше најефикасен одбојкар на натпреварот со 25 поени, водејќи го Вардар до сигурна победа. Ристо Николов забележа 10 поени кај Џио Струмица.

Се вчитува...