Вардарци уморни, но со една цел… Продолжување на победничката серија

Ракометниот шампион на Македонија, Вардар вечерва ќе го пречека европскиот вицешампион Алборг во натпревар од 3. коло во Лигата на шампионите.

Од таборот на „црвено-црните“ се едногласни дека и покрај заморот кој го чувствуваат по тешкиот старт на сезоната поради згуснатиот распоред, само продолжување на победничката серија им е во мислите.

„Во претходните две недели одигравме дури шест натпревари, а дополнителен проблем е што во домашното првенство не можеме да сметаме на сите ракометари. Сега пред нас е Алборг, тим за кој не треба да се трошат зборови, според мене Алборг игра најубав ракомет во Европа. Сепак, ние играме дома, ја имаме поддршката од публиката. На крилата на навивачите даваме 100% од себе, играме квалитетно и можеме да го победиме секој ривал, па и Алборг“, изјави Вујовиќ.

Слично размислува и искусното крило, Тимур Дибиров…

„Има добра атмосфера во екипата по победите над Мешков и Пелистер, но мора да разберете дека нам не не интересира што било туку што ќе биде. Ние сме во таков ритам, со многу натпревари, па не можеме да направиме добар тренинг. А ние со еден состав играме во ЛШ, со друг во македонско првенство. Еве денеска е малку порелаксиран ден, играчите кои игравме со Еурофарм Пелистер малку ќе одмориме, ќе одработиме тактички тренинг. Овој ритам е ритам од Бундеслигата. Ние нека продолжиме да плачеме, само да победиме против Алборг. Јас мислам дека секоја екипа има слабост, дури и ваква како Алборг. Тие се противник од типот на Елверум, многу трчаат имаат силно темпо. Е наша задача ќе биде да ги извадиме од ритам, од таа нивна комфорна зона, да мора да ги запреме, да ги натераме да играат без топка. Тоа е како во боксот, оној што знае да се адаптира на противникот има предност.“, изјави Дибиров.

Натпреварот меѓу Вардар и Алборг кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за 18.45 часот.

Се вчитува...