Васко Атанасов: Нека биде спектакл каков што може да направат само МЗТ и Работнички

МЗТ Скопје и Работнички вечерва од 20:15 часот ја почнуваат големата полуфинална пресметка во разигрувањето за титула во македонската кошарка. Во СЦ „Јане Сандански“ ќе го одиграат првиот од можните три натпревари за пласман во големото финале.

Македонските вечни кошаркарски ривали низ годините одиграа многу меѓусебени серии пресудни за шампионската титула, но овој пат ќе се борат за место во самото финале. Познавајќи ги натпреварите од „македонската класика“ мора да се напомене дека фаворитската улога постои само на хартија што навестува интересна серија исполнета со многу неизвености и покрај тоа што аеродромци повеќе од две години не знаат за пораз од центарци.

Последниот меѓусебен натпревар одигран токму во Аеродром донесе голема неизвесноста во која МЗТ Скопје до победата стигна во самиот финиш. Оттогаш работите се променети, Работнички претрпе големи промени во ростерот, МЗТ Скопје ќе има ново лице на тренерската позиција, но клучните играчи на натпреварот – Војдан Стојановски и Ерик Нотиџ повторно ќе бидат дел од спектаклот. МЗТ ја носи фаворитската улога, но…

„Дуелите со Работнички секогаш носат посебен предизвик, но и одговорност. Нема простор за опуштање, а начинот на кој се игра до две победи е дополнителен мотив да се даде се од себе од првата до последната секунда. Фаворити сме, но знаеме дека нема да биде лесно. Веруваме во квалитетот кој го поседуваме, и ако одиграме како што знаеме тогаш победата ќе биде многу блиску. Очекувам спектакл каков што заслужува едно вакво дерби, секако со радосен епилог за нашиот тим на крајот“ – вели стратегот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов.

Се вчитува...