Васоски: Не е важно со каков тим располагаме, одиме на титула!

Со првата прозивка на шефот на стручниот штаб, Александар Васоски, најтрофејниот македонски клуб ги стартуваше подготовките за пролетниот дел од сезоната.

Вардар го очекува сериозна промена во составот со оглед на бројните заминувања од клубот. Веќе е јасно дека нема да се смета на петмина странци, Барсегјан, Максимов, Јуфо, Харенц и Кировски, а единствено досега засилување е Бразилецот од Македонија ЃП, Жуниор. Сепак, Васоски на денешниот прв собир потенцираше дека, без разлика на тимот со кој ќе се располага, Вардар ќе атакува на титулата…

„За пролетниот дел од првенството ќе може да сметаме на оние фудбалери кои имаат догоговори, меѓу нив Новак, Битанг, Гачевски, Брдаровски… Попов останува но тој се рехабилитира од повредата, па тоа ќе биде главно ростерот со тоа што остануваме без Барсегјан и Кировски како и Херенц, Јуфо и Максимов на кои повеќе нема да се смета“ – вели Васоски и дополнува:

„Но, без разлика на тоа со каков тим ќе располагаме ние атакуваме на титулата. Со неколку засилувања мислам дека можеме до трофејот, а втората цел секако е излез во Европа“.

По подготовките во Скопје, главната фаза „вардарци“ ќе ја одработат во Аланија, Турција, каде заминуваат на 16. јануари. До тогаш на тимот се очекуваат уште четворица Бразилци кои треба да ги засилат црвено-црните редови, двајца стопери, еден фудбалер од средниот ред и еден крилен офанзивец.

Се вчитува...