Васоски: Од минатото не се живее, да го победиме и Силекс

Вардар оствари ефект од четири победи и две ремија во досегашниот тек од првенството и тоа му причинува задоволство на шефот на стручниот штаб, Александар Васоски. Тој посакува позитивниот тренд да продолжи и на утрешниот меч против Силекс.

„Можам да бидам задоволен од досегашниот тек на првенството. Четири победи и две нерешени без пораз е добар скор. Освен оној, така да кажам, „кикс“ со Беласица, на другите натпревари постигнавме посакувани резултати. Меѓутоа јас би рекол дека не треба да живееме од минатото. Треба да гледаме само напред кон иднината, и веќе се подготвуваме за следниот натпревар со Силекс каде што треба да се продолжи со исто, па дури и со посилно темпо“, изјави Васоски кој додаде дека секој натпревар е различен, и на секој ќе треба да се пристапи максимално.

Силекс не стартуваше најдобро, но се работи за квалитетен состав. Васоски вели дека пристапот на „црвено-црните“ ќе биде максимално сериозен, за да се освојат трите бода.

„Подготвени сме и на овој натпревар да одоговориме на предизвикот. Нормално дека посакуваме победа. Реков дека не треба да играме на историјата, не треба да се опуштиме бидејќи во фудбалот најважно е да останете концентрирани во секој момент. Така ќе биде нашиот пристап и на овој, и на сите натпревари до крајот и нормално нашата цел е на секој натпревар да одиме на победа“, изјави шефот на стручниот штаб на нашиот тим.

Се вчитува...