Васоски претставен како нов тренер на Академија Пандев

Александар Васоски е претставен како нов тренер на Академија Пандев. Тој во Струмица доаѓа од редовите на Вардар каде што ситуацијата е катастрофална и тимот е пред згаснување.

Тој со струмичкиот клуб потпиша едно и пол годишен договор.

„Александар Васоски од денес е нов тренер на Академија Пандев. Денеска новиот шеф на стручниот штаб се запозна со условите кои клубот ги нуди и беа финализирани наредните чекори кои ќе се преземат за клубот да се подигне на уште повисоко ниво. Заедно со Васоски, доаѓаат и Раденко Бојовиќ како прв асистент и Тони Богдановски како кондиционен тренер. Веќе се знае и програмата за зимските припреми. Прозивката е на 8-ми јануари во Струмица, каде ќе се одработи и првиот дел од припремите. На 20-ти јануари се заминува на двонеделни припреми во Анталија – Турција, каде се планирани и неколку пријателски натпревари. Огромна чест и задоволство ни е што едно од нашите најголеми фудбалски имиња, а воедно и еден од најдобрите македонски тренери ја прифати нашата понуда и се пронајде во визијата која клубот ја негува, а тоа е создавање на млади фудбалери кои подоцна ќе настапуваат во екипи од врвните европски лиги. Добредојде Тетовче во нашата фамилија и заедно да се радуваме на многу победи!“, стои во соопштението од клубот. 

Се вчитува...