Васоски: Резултатите од пријателските ни се во втор план

Вардар повеќе од лошо, ако се суди според резултатите на тест дуелите, ги минува подготовките на турското крајбрејжје, во Аланија. „Црвено-црните“ досега одиграа три натпревари со исто толку порази, и гол разлика од 3-7.

Но, според шефот на стручниот штаб Александар Васоски резултатите се во втор план, а фокусот е ставен на воигрувањето на екипата…

„Низ овие три натпревари шанса добија речиси сите фудбалери кои се на располагање во моментов, односно кои немаат никакви проблеми со повреди. Во првите два натпревари им дадовме шанса на два тима по 45. минути, на овој третиот меч менувавме во 70. минута, и како одиме кон крајот на подготовките, полека ќе се искристализира тимот, кој ќе треба да го понесе товарот низ пролетниот дел. Резултатите од контролните мечеви ни се во втор план, важно ќе биде добро да се подготвиме, и засега можам да го истакнам моето задоволство од тоа како работи екипата на овие подготовки“ – вели Васоски во изјава за официјалната интернет страница на клубот.

Во таборот на Вардар на овие подготовки има и многу млади играчи, на некои од нив и ова им се први подготовки и дебитираа во сениорската конкуренција во црвено-црниот дрес.

„Поголем дел се млади, немаат искуство со подготовки. Има потенцијал во овие момци, но и во моментов тие собираат искуство кое го немаат. Важно е како што кажав овие млади играчи да соберат искуство. Да не заборавиме дека можеби ова е најмладиот Вардар кој што оди на подготовки, и за голем дел од овие млади фудбалери ова се први настапи во сениорска конкуренција. На добар дел од нив ова им се први вакви подготовки, и токму од тука треба да бидеме трпеливи. Сигурно дека сакаме да форсираме фудбалери од нашата младинска школа, но тоа треба да се прави во долг временски интервал. Исто така за нив е добро што имаат можност да се докажуваат со поискусните играчи. За нив е едно драгоцено искуство кое ќе им помогне за понатаму“ – вели шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“.

Следниот контролен натпревар Вардар го игра утре, 28. јануари, против украинскиот тим Александрија.

Се вчитува...