Васоски: Вардар има околу 30 играчи, деновиве ќе одлучиме колку од нив ќе одат во Словенија

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Александар Васоски е задоволен од текот на подготовките за новата сезона во која екипата ќе биде составена од млади играчи желни за докажување.

„Петти ден како се подготвуваме, и можам да истакнам задоволство од текот на подготовките. Засега се оди според планираното. Во екипата имаме многу млади играчи кои се желни за докажување, а тука се и поискусните да им дадат поддршка на помладите. Имаме играчи кои за прв пат ќе искусат подготовки со сениорската екипа. Идната сезона ќе имаме млада екипа, со неколку искусни поединци и се надевам дека тоа ќе ни донесе добри резултати“ – изјави Васоски.

Во моментов со екипата тренираат триесетина играчи, и стручниот штаб во следните две недели ќе донесе одлука кои фудбалери ќе патуваат на подготовките во Словенија.

„На 17. јули треба да одиме во Словенија и таму да одиграме неколку пријателски натпревари. Во моментов имаме на располагање триесетина играчи, но во следните денови ќе одлучиме кои играчи ќе одат во Словенија на подготовки. Секако дека и во иднина будно ќе ја следиме ситуацијата во младите категории, и дека од таму ќе земаме уште играчи, за кои ќе сметаме дека имаат потенцијал и квалитет за во сениорскиот тим. Планираме пред замиувањето во Словенија да одиграме и една пријателска“ – вели шефот на стручниот штаб на Вардар.

Се вчитува...