Васоски: Вардар не се откажува од титулата

Тренерот на Вардар, Александар Васоски, смета дека „црвено-црните“ можат да бидат задоволни од одиграното во првиот дел од сезонава. Актуелниот вицешампион се наоѓа на второто место со 35 бода, пет помалку од лидерот Шкендија, што дефинитивно не претставува лош скор, особено ако се земат во предвид огромните финансиски проблеми, долговите кон фудбалерите и неиграњето на Барсегјан во поголемиот дел од оваа полусезона. Според Васоски, токму дербито со тетовскиот клуб е клучен за ваквиот расплет на полусезоната, поточно сомнителниот погодок со кој Шкендија поведе на мечот во Скопје.

„Од фудбалски аспект, мислам дека можеме да бидеме задоволни од овие изминати 18 натпревари, со оглед на тоа што два клучни фудбалери не ни играа речиси цела полусезона. Можеби треба да жалиме што не успеавме да освоиме уште некој бод на одредени натпревари кога незаслужено бевме поразени. Мислам дека еден од клучните моменти беше поразот од Шкендија кога имаше нерегуларен гол. Од тој натпревар влеговме во една лоша серија, и тука нашиот ривал ја направи разликата на табелата. Меѓутоа во целина сме задоволни, и натаму сме во игра за првото место“ – вели Васоски.

Сепак, кај него и кај фудбалерите постои решеност да се стори се што може за негативата од пет бода да биде стигната и Вардар да атакува на шампионската титула.

„И натаму сме во игра за првото место. Разликата е таа што е, кажав дека кој беше клучен момент што таа е направена. Имаме уште два меча со нашиот директен конкурент до крајот на сезоната. Се надевам дека со мирни и чисти глави ќе влеземе во престојниот подготвителен период, и дека во пролетниот дел ќе освоиме повеќе бодови од сега, и на крајот нормално посакувам и се надевам дека ќе бидеме на првото место, нешто за кое целиме секоја сезона“, истакнува стратегот на „вардарци“.

Се вчитува...