Васоски: Задоволство од подготовките, но од резултатите – не!

Македонскиот вицепрвак Вардар ги заокружи подготовките во Аланија и се врати во Скопје. Без ниту една победа на седум пријателски меча, со ефект од пет порази и два нерешени резултати, тренерот Александар Васоски секако не може да биде задоволен од остварениот епилог. Но, задоволен од одработените подготовки во Турција, каде шанса добија и 12 фудбалери од младинскиот погон.

„Од подготовките сум задоволен, од резултатите знам дека не можеме да бидеме задоволни, особено што е јасно дека од Вардар секогаш се бара победа. Резултатите од пријателските натпревари сигурно не можат да бидат задоволувачки, меѓутоа не треба да се заборави дека на овие подготовки имавме 12 играчи од младинскиот погон. Со тоа може да се каже дека Вардар доби иднина. На пример има некои играчи кои покажаа зрелост, и на нив можеме да сметаме низ пролетниот дел, и ќе сметаме на нив. На млади играчи многу е тешко да им се наметне притисок да победуваат. Исто така на овие подготовки не можевме да сметаме и на исксуниот Попов, како и на Попзлатанов. Ја имавме таа несреќа да се повреди и Најдовски на почетокот од подготвителниот период, но јас верувам дека сите ќе ги имаме на располагање за пролетниот дел“, изјави Васоски за официјалниот сајт на клубот.

Засилени и со Бразилецот Фелипе, како и со повратникот Битанг, вардарци треба да делуваат многу поубедливо во домашниот шампионат.

Се вчитува...