Вебер: Оваа наша „еврофорија“ нека ја проголта и Македонија

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Австријците имаат „два од два“, играат на домашен терен, ќе ја имаат поддршката од публиката и максимално мотивирани влегуваат во денешната пресметка со Македонија. Сакаат да ја искористат и еуфоријата за ракомет која не се создава така често во Виена.

„Прекрасно е кога ја имате поддршката од публиката. Тоа буквално ве носи напред и кога е тешко. Верувам дека оваа наша „еврофорија“ ќе ја проголта и Македонија. Ја сакаме и третата победа, сакаме да бидеме победници во групата. Нема да биде лесно, Македонците се тежок ривал, но ние сме подготвени и ќе сториме се за повторно да се радуваме. Имаме ритам, треба само да го одржиме и да гледаме напред“, изјави Роберт Вебер, десното крило на австриската репрезентација.

Тој знае од каде доаѓа најголемата опасност кон голот на Австрија.

„Кире Лазаров е ракометна легенда, игра одлично и на овој шампионат иако е веќе во зрели години. Но, мислам дека ќе најдеме начин да го блокираме“, дополни австрискиот репрезентативец.

Се вчитува...