Вечното дерби пред празни трибини во Куманово

Работнички и МЗТ Скопје постигнаа заеднички договор, утрешното дерби од последното суперлигашко коло да се игра пред празни трибини. Неофицијално, мечот ќе се игра утре во Куманово, а во меѓувреме вечните ривали објавија дека на дуелот нема да бидат присутни навивачи во знак на протест поради казните што Работнички и МЗТ ги добиваат од Министерството за Внатрешни Работи.

Иако беше најавено дека Работнички за овој меч ќе се врати во Скопје и ќе биде домаќин во СЦ „Борис Трајковски“, во последен момент дојде до промена на планот.

Заедничкото соопштение на актуелниот шампион и вицешампион го пренесуваме во целост:

 

„Во договор на управите на Работнички и на МЗТ Скопје Аеродром, заедно со нивните навивачки групи „Сити Парк Бојс“ и „Фемили“, утрешното вечно дерби ќе биде одиграно пред празни трибини односно без присуство на публика во знак на протест на високите казни кои двата клуба и навивачите ги добиваа во минатото, но и сѐуште ги добиваат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Со ова сакаме само да покажеме како во иднина би изгледало најголемото дерби во македонскиот спорт ако се продолжи со политиката на високи казни и ригидно применување на законските акти кои дефинитивно не се прилагодени на нашите услови. Се соочуваме со драматични моменти, кои се закануваат да ја нарушат егзистенцијата на Работнички и на МЗТ Скопје Аеродром и тоа не само на професионалците од првиот тим туку и на големиот број таленти кои двата клуба ги имаат во своите редови.

Интенција на двата клуба е да се почитуваат законите, но од државата бараме тие да бидат прилагодени на условите во нашата држава. Заеднички заклучок ни е дека Законот за спречување насилство на спортските терени (ЗСНСТ), на кој се повикува МВР, е максимално ригиден и ригорозен, со превисоки казни и работи кои не се применливи кај нас. Поради овој Закон, кој е препишан од некои дијаметрално поразлични средини од нашата, клубовите повеќе пари даваат на неверојатно високите парични санкции, отколку на своите играчи, што треба и е приоритет на секој спортски колектив во светот. Затоа, бараме итна промена на ЗСНСТ, негово прилагодување на македонските услови и пред сѐказнен систем прилагоден на нашиот стандард.

Ако тоа не се случи, тогаш јавноста ќе треба да се навикне на следење вакви сиромашни дерби пресметки пред празни трибини, наместо тие да бидат како и досега – празник на кошарката во нашата држава“.

Се вчитува...