Унгарскиот вицепрвак Пик Сегед и дефинитивно ќе биде ривалот на Вардар во осминафиналето од ЛШ, откако оваа екипа вечерва загуби на гостувањето против Барселона со 30-28, со што дефинитивно ги загуби и шансите да заврши пред ПСЖ на второто место во групата А. Унгарците имаат за што да жалат бидејќи на неполни три минути до крајот водеа со 26-28, но одиграа катастрофално во финишот и на крајот претрпеа пораз од најдобриот тим во групата.
Вардар како шестопласиран во групата Б ќе игра со третопласираната екипа од групата А. Дури и доколку се случи чудо и ПСЖ го загуби утрешниот последен дуел со Загреб, тимот на Раул Гонзалес сепак ќе остане второпласиран пред Пик Сегед, поради подобриот скор во меѓусебните дуели.
Циндриќ и Доленец со по седум гола ја предводеа Барса во вечерашниот триумф, додека најефикасен кај Пик Сегед беше Бодо, исто така со седум погодоци.
Само за потсетување, Вардар и Пик Сегед се сретнаа во ланското четвртфинале од ЛШ, при што „црвено-црните“ благодарение на одличната игра и триумфот во Скопје стигнаа до билет за Ф4 во Келн, каде потоа ја освоија и европската круна. Победникот од осминафиналниот двомеч меѓу Вардар и Пик Сегед , потоа во четвртфиналето ќе води битка за влез на Ф4 против подобриот од двомечот Веспрем – Висла.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА