Велбек го напушта Арсенал, три понуди „на маса“

Напаѓачот на Арсенал, Дани Велбек е на излезна врата и бара нов клуб. Англискиот репрезентативец веќе извесно време не игра важна улога во тимот, а неговата позиција по се изгледа нема да се промени ни кај новиот менаџер на „топчиите“, Унаи Емери.

Британските медиуми објавија дека Велбек најверојатно заминува од Арсенал и дека веќе има три понуди „на маса“. За англискиот репрезентативец се заинтересирани Евертон, Саутемптон и Бурмаут.

Арсенал, наводно, е подготвен да го продаде, но засега не е познато за кое обештетување. Но, со оглед на тоа дека договорот на Велбек истекува во 2019 година, тоа не би требало да биде некоја спектакуларна сума.

Дани Велбек има 27 години и во својата кариера досега има играно за Манчестер јунајтед, Престон и Сандерленд. Во Арсенал пристигна во 2014 година за 20 милиони евра.

Се вчитува...