Велкоски и Сараево ќе ја паметат Аталанта цел живот, тажна вечер и за Ибраими и Хусмани

Македонскиот фудбалски интернационалец Крсте Велкоски беше дел од тимот на Сараево кој доживеа вистински дебакл од калчолигашот Аталанта на стадионот „Кошево“, губејќи со 0-8 во квалификациите од Лигата на Европа. Иако на првиот меч босанскиот тим направи изненадување и одигра 2-2, сепак, Италијанците се налутија, па во реваншот до врв ја наполнија мрежата на Сараево. Бароу постигна хет – трик, Паломино и Гомез погодија по двапати, а мрежата на домаќинот ја тресеше и Масиело.

Агим Ибраими и Зени Хусмани во финишот потклекнаа со Домжале на домашен терен. Словенечкиот тим одигра 1-1 против Уфа и доживеа елиминација. Мирко Ивановски остана на клупата на Хајдук Сплит, но неговиот тим ќе биде дел од следната рунда, откако славеше на гости против Славија Софија со 2-3. Даниел Аврамовски не беше во составот на Олимпија Љубљана, која помина понатаму, откако одигра 1-1 на гости против Крусадерс, но на првиот меч дома славеше со 5-1.

Бесир Демири со Мариупол мораше да игра продолженија на домашен терен против шведскиот Ѓургарден, но на крајот оствари триумф од 2-1 и се пласира во следното коло од Лигата на Европа.

Иван Тричковски беше стрелец на два гола за АЕК Ларнака во триумф (4-0) против Дандалк.

Од фаворитите, Севилја лесно излезе на крај против Ујпешт, славејќи и на реваншот со 1-3. Виктор Ангелов остана на клупата на Ујпешт на овој меч. Глазгов Ренџерс одигра 1-1 против Осијек дома, но сепак се пласираше во следното коло поради триумфот (0-1) на првиот меч на гости.

Се вчитува...