Велковски има понуда од друг клуб во Романија

Дарко Велковски подолг период беше без клуб, македонскиот репрезентативец пред неколку месеци потпиша за Динамо Букурешт, а паузата надвор од терените не остави преголема трага врз неговите настапи. Македонецот е еден од најдобрите фудбалери на Динамо во вториот дел од сезоната, со што го привлече врз себе вниманието на неколку романски клубови.

Како што информираат романските медиуми, Рапид Букурешт е сериозно заинтересиран да го доведе Велковски во своите редови и веќе почнал преговори за реализација на овој трансфер. Во прилог на Рапид оди фактот дека договорот што Дарко го има со Динамо Букурешт истекува на крајот од сезонава, па нашиот интернационалец би можел без никаква отштета да ги смени клупските бои.

Приоритет за Велковски во моментов е да му помогне на Динамо во борбата за опстанок (овој тим падна на претпоследното место на табелата), но јасно е дека потоа ќе разгледува понуди од клубови со посериозни амбиции од сегашниот.

Рапид Букурешт моментно се наоѓа на четвртото место во плејоф-разигрувањето за шампионската титула.

Се вчитува...