Велковски: Новата одбрана положи голем тест – издржа против Италија

Фудбалската репрезентација на Македонија успеа да ремизира (1-1) против големата Италија во Торино, продолжувајќи ја позитивната резултатска серија во финишот на овој квалификациски циклус за СП 2018 во Русија. Истовремено, националниот тим добива и сосема нов, подмладен лик, откако селекторот Игор Ангеловски конечно може да смета и на „младите сили“, кои беа учесници на Европското првенство за фудбалери до 21 година.

Такво подмладување доживеа и одбраната, во која главен збор сега водат Дарко Велковски и Висар Муслиу, заедно и со Ѓоко Зајков, кој влезе во второто полувреме на мечот во Торино.

За жал, повреда на задната ложа на мускулот на левата нога заработи Дарко Велковски, и тој речиси сигурно нема да може да настапи на последниот квалификациски меч, против Лихтенштајн в понеделник, во Струмица.

„Среќни сме поради одличниот резултат и играта што ја прикажавме против Италија. Новата одбрана мислам дека го положи испитот, покажавме стабилност и добра организација и против силните Италијанци, кои постојано вршеа притисок на нашата задна линија. Имаше и грешки, но, сепак, најважно е што успеавме да останеме непоразени против големата Италија“, вели Дарко Велковски.

Дефанзивецот на Вардар, за жал, ја обнови повредата на мускулот на левата нога.

„Почувствував болки и веднаш побарав замена. Не може да се игра повреден против Италијанците, тоа веднаш ќе го искористат. Се надевам дека не е многу сериозно, но сега уште ме ’грее’ овој добар резултат“, изјави по мечот во Торино, Дарко Велковски.

Покрај него, за мечот против Лихтенштајн, селекторот Игор Ангеловски нема да може да смета и на играчот за врска Стефан Спировски, поради жолти картони, но затоа во А-тимот ќе бидат на располагање Елиф Елмас и Никола Ѓорѓев, кои беа дел од селекцијата до 21 година на мечот против Србија. За одбраната ќе конкурира и Кире Ристевски, кој поради жолти картони немаше право на настап на натпреварот со Италија во Торино.

Се вчитува...