Велковски: Завршивме успешен циклус, сега веќе мислиме на Косово

Македонските репрезентативци, онака како што посакуваа, со триумф над Израел и пласман на третата позиција на табелата во групата ги завршија квалификациите за пласман на ЕП 2020. Но, битката за место на завршницата на најдобрите од Стариот континент сега само што започнува.

Македонија во март ја очекува полуфиналната пресметка од баражот за место на ЕП против Косово. Токму тоа наредниот период ќе биде и фокусот на секој поединец во националниот табор, но и на македонската спортска јавноста генерално…

„Јасно е дека сега почнува она најважното за нас. Да, може да кажаме дека завршивме успешен квалификациски циклус во кој сигурно заслуживме и некој бод повеќе, но сето тоа останува зад нас. Го освоивме посакуваното трето место сосема заслужено, но сега веќе сите мисли ги насочуваме кон натпреварот со Косово во март следната година. Оваа генерација покажа дека има моќ и квалитет за високи дострели. Целта е пласман на ЕП 2020 и ќе направиме се да ја израдуваме македонската јавност“ – вели централниот дефанзивец Дарко Велковски.

Македонската сениорска репрезентација со синоќешната победа од 1-0 против Израел, со вкупно 14 бода го освои третото место во квалификациската група веднаш зад патниците на ЕП, Полска и Австрија, а пред Словенија, Израел и Летонија.

Се вчитува...