Велшаните не „смрзнаа“ во Кардиф… Македонија од четвртиот шешир ќе го чека баражот за СП 2026! (ФОТО)

Македонија доживеа дебакл на Островот, повеќе од убедлив пораз од 7-1 на гостувањето против Велс во Кардиф во последниот натпревар од квалификациите за пласман на Светското првенство 2026. Па, со тоа го освои третото место во квалификациската група Ј, што не носи во четвртиот шешир пред ждрепката за баражот за мундијалски пласман.

Велшаните очекувано со активни напади го почнаа мечот, па Брукс веќе во 2. минута имаше обид, но над голот на Столе Димитриевски. Но, Македонија возврати преку Алими со шут од 18 метри во 8. Минута, сепак и тој непрецизен над голот на домашните.

И, во 17. минута без игра од првиот влез во шеснаесетникот Велшаните добиваат пенал. Стојчевски го собори Брукс пред нашиот гол, под крајно сомнителна ситуација, во која главниот судија, сепак, се одлучи да не се консултира со ВАР, па во 18. минута Хари Вилсон од пенал носи водство за Велс од 1-0.

Велшаните продолжија со нападите и веќе во 21. минута напад по левата страна, а одличното нафрлање пред голот на Димитриевски, со гол го крунисува Брукс за 2-0.

Но, по само две минути брз контранапад на македонската селекција, одлична асистенција на Дарко Велковски во длабочина проигрувајќи го Бојан Миовски, кој откако сам избива пред домашниот голман прецизно стрела за 2-1.

Во 35. минута, Вилијамс доаѓа во ситуација шетајќи се пред нашиот гол, шутира осамен од десеттина метри но извонредна интервенција на Столе Димитриевски и топката завршува во левиот дирек од нашиот гол. И веќе во 37. минута, извонреден гол на Бренан Џонсон со шут од 18 метри во горниот агол од голот на немоќниот Димитриевски.

И во 42. минута, одлично изведен слободен удар на Енис Барди, но уште подобра одбрана на домашниот голман за конечни 3-1 по првите 45 минути.

И, второто полувреме почна со отворени напади на домаќините. Па, во 52. минута нова извонредна шанса од непосредна близина на Брукс, но Столе Димитриевски со мајсторска интервенција не дозволи зголемена предност на Велшаните. Па, следеше нова брза акција на домашните во 57. минута и Даниел Џејмс се запиша во листата на стрелците за 4-1.

Во 75. минута феноменален погодок на Хари Вилсон директно од слободен удар за 5-1, а во 81. минута пенал направен од Дарко Велковски, а успешен реализатор беше Вилсон од белата точка за негов хет-трик, и 6-1 за Велс. На крајот, Дејвис во 88. минута ги постави конечните 7-1.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026 – ГРУПА Ј (8. коло)

ВЕЛС – МАКЕДОНИЈА 7-1 (3-1)

Стадион „Кардиф сити“ во Кардиф. Гледачи: 32.000. Главен судија: Дани Мекели (Холандија). Помошници: Стигстра и Де Врис (Холандија). ВАР судија: Пол Ван Бокел (Холандија). Стрелци: Вилсон 18’(п), 75′, 81′(п), Брукс 21’, Џонсон 37′, Џејмс 57′, Дејвис 88′ (В) – Миовски 23’(М). Ж. Картони: Костадинов, Димитриевски, Велковски (М).

ВЕЛС: Дарлов, Вилијамс, Лолор, Дасилва, Родон, Брукс, Вилсон, Кулен, Џонсон, Џејмс, Шихан

Селектор: Крег Белами

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Илиевски, Зајков, Велковски, Стојчевски (55′ Ќамили), Ашковски (82′ Серафимов), Алими (64′ Атанасов), Костадинов (55′ Чурлинов), Барди, Елмас, Миовски (64′ Растодер)

Селектор: Благоја Милевски

Се вчитува...