Венгер попушти – Алексис оди кај Гвардиола во Манчестер

Арсен Венгер не сакаше ни да чуе за продажба на Алексис Санчез на друг англиски премиерлигаш, но стратегот на Арсенал ќе биде принуден да го пушти Чилеанецот да се пресели во Манчестер сити. Причината е јасна – Венгер се наоѓа во небрано бидејќи Санчез одбива нов договор дури и за плата од 300.000 фунти неделно, стариот му истекува на крајот од сезоната, а извонредниот голгетер згора на тоа ги одбива сите останати понуди освен онаа на „граѓаните“ од Манчестер.

Надежите на „топчиите“ дека ќе го продадат во Баерн Минхен пропаднаа откако Санчез бараше поголема плата и од Роберт Левандовски, а останатите тимови воопшто не сакаат ни да влегуваат во преговори поради нереалните очекувања на фудбалерот.

Во една таква ситуација, Арсенал мора да пресече – дали да го продаде својот најдобар играч на Пеп Гвардиола во Манчестер сити, или да го чува незадоволен цела сезона и потоа тој да си замине без никаква отштета. Јасно е дека ситуацијата е далеку од идеална, а Венгер е свесен дека на крајот ќе мора да одигра „по нотите“ на фудбалерот. Весникот „Мирор“ тврди дека Арсенал е подготвен за преговори, но и дека лондонскиот клуб ќе бара огромни 80 милиони фунти за својот ас. Гвардиола сигурно нема да плати толку за играч кој има само уште една година од договорот, првата понуда ќе изнесува 40 милиони фунти, па се очекува двете страни да се најдат на „пола пат“ (околу 60 милиони фунти).

Се вчитува...