КОМЕНТАР: Верба во младите или странец, прашање е сега!

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Заврши настапот на македонската репрезентација на овој ракометен мундијал, во кој осминафиналето уште еднаш се покажа како краен дострел. Ќе остане запишан пласманот на 15. позиција по чудните критериуми на ИХФ (пред нас е Исланд, од кого имавме подобар пласман во групната фаза), но разликата во една или две позиции кога веќе не си во четвртфиналето воопшто не прави преголема разлика или пак носи особена сатисфакција.

Осминафиналето е успех и реален дострел за репрезентацијата што ја имаме во моментов, но се ќе биде попусто доколку не се искористи како база за иднината и дополнителен напредок, како на играчки, така и на тактички план.

Ако анализираме по позиции, не е никаква тајна дека најмногу потфрлија левите бекови, делот од тимот каде реално имаме најголем број на млади и талентирани ракометари. Шанса добија тројцата најдобри (заедно со повредениот Кузмановски), но ниту еден од нив не ја оправда довербата онака како што очекуваше стручниот штаб и целокупната спортска јавност.

Тројцата (Талески, Нелоски и Дрогришки) кои настапија на овој мундијал на шест натпревари постигнаа вкупно 13 погодоци, со очаен процент на реализација (Талески имаше 6/18. Дрогришки 4/10, а Нелоски 3/12). Бројките се далеку од задоволителни, но не смее да се заборави дека ова е прво големо натпреварување на овие млади ракометари, од кои единствено Талески има повеќе од едногодишно искуство во Лигата на шампионите. Во ситуација кога на десен бек имате великан како Кире Лазаров јасно е дека се создава повеќе простор на спротивната страна, нешто што на овој мундијал не го искористивме, Нелоски со премногу шутеви над гредата, Талески со недоволна храброст да преземе одговорност во голем дел од ситуациите. Потенцијалот постои, но мора да се надгради, уште повеќе бидејќи на позицијата лев/среден бек го имаме и Филип Кузмановски, кој за околу еден месец повторно ќе биде „фит“, за Металург, но и за националниот тим за квалификацискиот двомеч со Исланд во мај.

Не минаа ниту 24 часа од враќањето назад во Македонија, за повторно да се активира старата добро позната тема – натурализација. Не е никаква тајна дека Лино Червар уште пред овој мундијал се обиде да го „протне“ Немања Обрадовиќ од Металург, идеја што наиде на децидна „кочница“ од раководството на Ракометната Федерација на Македонија. Во ситуација кога тој дел од тимот не функционираше најдобро не е изненадување што Червар не се откажува од старата идеја, иако планот му се наруши со договореното заминување на Србинот од Металург.

Сепак, ставот треба да е јасен – Червар уште при своето доаѓање многу добро го знаеше потенцијалот на играчите, кои речиси сите или ги има тренирано или сега им е актуелен тренер во Металург. Тие млади „бисери“ за кои во бројни ситуации се фалеше дека ги „бруси“ треба да добијат шанса каква што заслужуваат и во репрезентацијата, и по потпросечно првенство како ова во Франција. Бидејќи тоа е реалната слика за моменталниот квалитет на македонските играчи, кои во периодот што следи можат да одат само напред. Натурализирање на нови играчи чија лојалност на клупски план е дискутабилна, а што да дискутираме повеќе кога ќе стане збор за репрезентација и национално чувство кое тие ракометари никогаш нема да го развијат како оние нашите.

Затоа, време е сите овие приказни еднаш засекогаш да престанат и да се насочиме кон она што го имаме, со една единствена цел, да го извлечеме најдоброто од сегашниот играчки кадар, бидејќи токму овие млади асови ќе бидат јадрото на македонскиот репрезентативен ракомет во следните десетина години.

Се вчитува...