Вердаско дисквалификуван од „Ролан Гарос“, лут и фрустриран: Ова не е нормално…!

Еден од најпознатите шпански тенисери Фернандо Вердаско не доби дозвола за настап на Грандслем турнирот „Ролан Гарос“ во Франција поради позитивен тест на Ковид-19.

По Дамир Џумхур, сега дисквалификуван е и 36-годишниот Вердаско. Со оваа одлука не може да се помири Шпанецот кој револтирано реагираше преку социјалните медиуми.

„За жал, нема да играм на ‘Ролан Гарос’. Во август се опоравив од Ковид-19, без симптоми, ги следев сите упатства и се вратив на тренинзи по два негативни теста. Потоа, неколкупати го правев тестот и секогаш беше негативен, вклучувајќи го и оној што го направив пред турнирот во Рим. Па, потоа се префрлив во Париз со мојот тим и семејството во вторникот и сите бевме тестирани. Сите добија негативни резултати, освен мене. Објаснив сè што ми се случи во минатото и побарав ново тестирање. Организаторите на „Ролан Гарос“, и покрај сè, го одбија моето барање. Вчера направив два ПЦР-теста и еден серолошки, во своја режија и во различни лаборатории и денеска пристигнаа резултатите – сите се негативни. Затоа, премногу сум лут и фрустриран поради организаторите на ‘Ролан Гарос’, бидејќи дисквалификацијата е само нивна лична одлука, не дозволија повторно да се тестирам и да докажам дека настанала грешка на првиот тест“ – вели Шпанецот.

На Отвореното првенство во Франција прв фаворит за трофејот е Новак Ѓоковиќ, но на тениските терени повторно се враќа и Рафаел Надал кој ќе биде негов клучен противкандидат за трофејот.

Се вчитува...