Вернер го остава Лајпциг на цедило – пред разврската во ЛШ

Тимо Вернер е меѓу најзаслужните за извонредната европска сезона на Лајпциг, во која германскиот клуб се наоѓа на чекор до пласман во четвртфиналето во Лигата на Шампионите. Сепак, хаосот со термини што настана поради коронавирусот целосно ќе ја помести завршницата во ЛШ, а фудбалерите кои во меѓувреме ќе ги променат клупските бои нема да можат да ја довршат европската сезона во своите сегашни клубови.

Најдобар пример за тоа е Вернер, кој во следните денови ќе го официјализира трансферот од Лајпциг во Челси вреден 60 милиони. Според постигнатиот договор, голгетерот на Лајпциг ќе остане во германскиот клуб до завршницата на Бундес-лигата, но потоа нема да има право за настап во завршницата од ЛШ, што е презакажана за месец август. Челси се наоѓа пред елиминација од ЛШ по убедливиот домашен пораз од Баерн, „сините“ по кратка пауза ќе почнат со подготовки за новата сезона, а Френк Лампард очекува Вернер да се појави на првата прозивка во Лондон.

Тимо Вернер е второто големо засилување на „сините“ за новата сезона, по Хаким Зијеш од Ајакс. Во меѓувреме Лампард се обидува да го ангажира и левиот бек на Лестер, Бен Чилвел, а дел од медиумите најавија и „трансфер-бомба“, откако Роман Абрамович искажал подготвеност да плати богатство за да го донесе Кристијано Роналдо на „Стемфорд Бриџ“.

Се вчитува...