Веспрем „бронзен“ на Ф4, Барса последна во Келн

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Веспрем е третопласираната екипа на фајналфор турнирот во Келн, откако унгарскиот гигант во „малото финале“ славеше над Барселона со резултат 34-30. Се уште преморени по поразот од Вардар во полуфиналето, каталонците не успеаја да се рехабилитираат, одиграа далеку под своите можности и заслужено загубија, па нашите Кире Лазаров и Борко Ристовски го освоија последното место на овој фајналфор турнир.

Барселона со изменет состав го стартуваше денешниот меч, по одлуката на тренерот Пасквал да остави дел од вообичаените стартери на клупата за резерви (Виктор Томас, Ривера, Гонзало Перез де Варгас). Веспрем го искористи тоа и многу подобро го отвори мечот, па унгарскиот состав бодрен од многубројните фанови успеа да поведе и со четири гола разлика, принудувајќи го каталонскиот стратег на тајмаут. Во 19. минута на голот застана Гонзало на местото на Борко Ристовски, кој дотогаш имаше две интервенции, во игра влегоа и Кире Лазаров и останатите „ѕвезди“ на тимот, по што Барса се приближи на 18-17 на крајот од првото полувреме.

На голот на Веспрем на стартот од второто полувреме застана Миклер, одбраната на унгарскиот гигант повторно доби на цврстина. Во нападот се почесто Нилсон ги завршуваше успешно акциите на Веспрем, Барса делуваше безидејно, па со голот на Ласло Наѓ унгарскиот шампион поведе со пет гола разлика (27-22). Прашањето на победникот беше решено, па Унгарците рутински влегоа во завршницата, до крајот одржувајќи ја својата предност до конечните 34-30.

Кире Лазаров го заврши натпреварот со три гола од вкупно девет обиди, Борко Ристовски имаше две успешни интервенции, а најефикасни кај Барселона беа Нгесан со шест и Ривера и Ентрериос со по пет погодоци. Најдобри поединци во редовите на Веспрем беа Палмарсон со осум и Наѓ, Угалде и Лекаи со по шест постигнати гола.

Се вчитува...