Веспрем е неприкосновен во СЕХА: Му даде на Загреб шест гола предност, па сепак стигна до нов трофеј

Веспрем ја продолжи својата доминација во СЕХА-лигата откако унгарскиот гигант вечерва се закити со нов трофеј, во финалето триумфирајќи над Загреб со резултат 32-30. Избраниците на Момир Илиќ се соочија со сериозен предизвик откако по првото полувреме се најдоа во негатива од шест погодоци, но сепак блеснаа кога беше најважно и со огромен пресврт во вториот дел стигнаа до пехарот, петти за Веспрем од формирањето на регионалното натпреварување.

Хрватскиот шампион одигра фантастично во првото полувреме. Словенецот Панјтар бранеше извонредно (10 одбрани во првото полувреме), овозможувајќи лесни погодоци на спротивната страна. Од минута во минута предноста за хрватскиот шампион се зголемуваше, па со двата гола на Дибиров во последната минута замина на одмор со водство од 19-13.

Јасно беше дека Веспрем нема да се предаде, па унгарскиот гигант заигра далеку подобра одбрана на стартот од вториот дел, примајќи само два гола за десет минути и намалувајќи на 21-18. Предноста на Загреб продолжи да се топи, Веспрем со леснотија го наоѓаше патот до мрежата, па по голот на Јахија за 25-24, Обрван беше принуден да побара тајмаут. Веќе во следниот напад Загреб ја загуби топката, а Лауге биеше во празна мрежа за 25-25, што значеше влегување во драматичен финиш. На четири минути до крајот резултатот беше израмнет на 29-29. Веспрем имаше контранапад при 30-30, но Славиќ го запре шутот на Славиќ. Цупара на спротивната страна го запре обидот од пивот на Муса, за во финишот да блесне Лауге, најпрвин со изнудено исклучување, а потоа и со два гола во последната минута му го донесе пехарот на својот тим.

Јахија со седум гола беше најефикасен во победничкиот тим, по пет погодоци за Веспрем постигнаа Лауге, Штрлек и Мае, додека кај Загреб најдобар поединец повторно беше Чупиќ, реализирајќи осум гола од десет обиди.

Се вчитува...