Веспрем е од „друга планета“, Вардар без шанси против унгарскиот ракометен „џин“ (27-41)

Вардар е пред елиминација од Лигата на Шампионите откако „црвено-црните“ вечерва загубија на домашен терен со преубедливи  27-41 од Веспрем, во првиот осминафинален натпревар во елитното европско натпреварување. Најавите за изненадување се една работа, но случувањата на теренот нешто сосема друго, а таму Веспрем покажа апсолутна доминација од првата до последната минута, демонстрирајќи зошто Унгарците се уште се дел од самиот крем на ракометна Европа и колку Вардар заостанува од елитното друштво.

Немоќта на „вардарци“ беше очигледна буквално од самиот почеток на мечот, во првите два напади тие не го „видоа“ голот на Коралес, а потоа се мачеа иако во две ситуации имаа „шест на четири“ на теренот, по двојните исклучувања за ракометарите на Веспрем. Во меѓувреме Унгарците не само што импресионираа со цврста одбрана, туку и со леснотијата во нападот со која ги решаваа сите проблеми на теренот. Нивната предност од минута во минута се зголемуваше, Алушовски зеде тајмаут при 4-8, потоа уште еден на 7-14, се обиде и со „седум на шест“, но немоќта на тренерот на Вардар беше еднаква на онаа на неговите избраници на теренот. Во една таква ситуација Веспрем уште пред крајот на полувремето стигна до првата двоцифрена предност (9-19), за унгарскиот гигант на одмор да замине со „плус десет“ (11-21).

Унгарците тргнаа супериорно и во второто полувреме, стигнувајќи до водство од 13-26, за Вардар за првпат да врзе три гола во низа и да се врати на „минус десет“ (16-26). При овој резултат Георгиевски не искористи зицер, по што Веспрем повторно почна да доминира на теренот. Коралес бранеше извонредно, па „вардарци“ повторно тргнаа во „седум на шест“ за да се обидат да ја пробијат одбраната на гостите. Ниту тоа не вроди со плод, па при водство на противникот од 21-34 Алушовски побара уште еден тајмаут, но ситуацијата на теренот не се промени, па Веспрем набрзина стигна и до „плус петнаесет (21-36), Унгарците имаа најголеми шеснаесет гола предност, за овој меч на крајот да заврши со конечни 27-41.

Иван Чупиќ беше најефикасен кај „вардарци“ со осум погодоци, додека Стоилов и Георгиевски постигнаа по три гола. Коралес беше одличен на голот на Веспрем со 14 одбрани, а најефикасни беа Маргуч со осум и Јахија со седум постигнати гола.

Реваншот е закажан за другата седмица во Веспрем, но со оглед на денешниот резултат јасно е дека унгарскиот првак ќе биде тимот што ќе се пласира во четвртфиналето.

Се вчитува...