Веспрем го купи Коралес, збогување со Штербик

Родриго Коралес ќе застане на голот на Веспрем од следната сезона, наследувајќи го во дресот на унгарскиот гигант репрезентативниот колега Арпад Штербик. Договорот на поранешниот голман на Вардар истекува на крајот од годинава, а Веспрем не само што не размислува за продолжување на соработката, туку и веќе го договори наследникот на Штербик.

Шпанскиот весник „Марка“ објави дека Коралес веќе ги договорил сите детали, тој ќе потпише договор со Веспрем до 2024 година, а официјалната промоција се очекува во текот на овој месец. Шпанецот решил да си замине од ПСЖ, каде не доби шанса како прв голман ниту по пензионирањето на Омејер, па ја одби понудата за нов двогодишен договор со „светците“, решавајќи да се пресели во Унгарија.

Покрај Коралес, Веспрем во тимот за наредната сезона ќе го има и Србинот Владимир Цупара, кој минатото лето пристигна од редовите на Кјелце.

Што се однесува до Штербик, тој најави дека без оглед на истекот на договорот со Веспрем нема намера да ја заврши кариерата.

Се вчитува...