Веспрем и Манасков на врвот на СЕХА лигата!

Веспрем на нашиот Дејан Манасков стигна до трофејот во СЕХА лигата откако во финалето на Фајнл 4 турнирот кој оваа година се одржа во Задар славеше над Загреб со 29-31 по изведување на пенали. Унгарскиот тим беше подобриот противник во поголемиот дел од мечот, во дел од второто полувреме имаше и преднсот од четири гола, но сепак хрватскиот тим успеа да изедначи на самиот крај и да го приведе дуелот во „трето полувреме“.

Изедначениот натпревар во кој се играше во мини серии траеше во поголемиот дел од првото полувреме, а благодарение на добрата одбрана на крајот на првите 30. минути, Веспрем на полувремето замина со предност од 13-15. Унгарците продолжија да го диктираат темпото и во поголемиот дел од второто полувреме, но Загреб не се предаде, напротив при самиот финиш одигра одлично на двата дела од паркетот и успеа да стигне до изедначување (27-27).

Сепак поискусниот унгарски тим беше сигурен во реализицијата на седмерците и сосема заслужено славеше во дуелот. Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков натпреварот го заврши со два гола од четири обиди.

Се вчитува...