Веспрем и Монпелје ги разменија бековите за следната сезона

Вообичаена пракса во ракометна Европа е да се договараат трансфери и по една до две години однапред, па затоа не е изненадување што Веспрем и Монпелје денеска најавија по еден летен трансфер, и тоа со „трампа“ на бекови.

Агустин Касадо од следната сезона веќе нема да биде член на Веспрем, откако унгарскиот гигант реши да не му понуди нов договор на шпанскиот репрезентативец. Тој дојде во Веспрем во јули 2023 година и освои неколку трофеи со овој клуб, досега постигнувајќи 167 гола на 70 одиграни натпревари. Неколку часа по објавата на унгарскиот ракометен гигант, следеше фото потврда дека следен клуб на Касадо ќе биде француски Монпелје, со кој беше потпишан договор до 2029 година.

Челниците на Веспрем сепак успеаја да договорат врвно засилување, денеска официјализирајќи го доаѓањето на Ахмед Хешам, 24-годишниот египетски репрезентативец.

„Ахемд го привлече вниманието со одличните игри и за Монпелје и за репрезентацијата на Египет, веруваме дека добро ќе се вклопи во концептот на нашиот тренер Чави Пасквал“, соопшти директорот на Веспрем, Ласло Наѓ.

Се вчитува...