Веспрем последен до билет за Ф4 во Келн

Веспрем е последниот учесник, по Вардар, Барселона и ПСЖ, кој на 3 и 4 мај ќе атакува на титулата европски првак на фајналфор турнирот што ќе се одржи во Келн. Унгарскиот гигант вечерва го елиминираше францускиот Монпелје (реваншот на гостински терен го доби со резултат 25-30), кој по триумфот над европскиот првак Кјелце не успеа да приреди уште една сензација.

Монпелје одигра фантастично прво полувреме, стигнувајќи до предност од 15-11, позитива со која беше надополнета предноста на противникот од три гола од првиот меч во Унгарија. Сепак, во второто полувреме Веспрем заигра фанатична одбрана, па по предноста на противникот од 17-14 во 34. минута, гостите за осум минути направија серија од 1-6, го свртеа резултатот во своја полза и на крајот заслужено стигнаа до пласман меѓу најдобрите четири екипи на Стариот Континент. Импресивен во ова второ полувреме беше Мирко Алиловиќ, кој со бројни одлични интервенции ги исфрли од ритам домашните ракометари, кои впо извонредното прво полувреме во вторите 30 минути постигнаа само десет погодоци.

Доленец постигна девет гола на својот последен европски меч за Монпелје пред заминувањето во Барселона, додека кај Веспрем најефикасни беа Палмарсон со седум и Гајиќ со пет гола.

Само за потсетување, извлекување на двојките за полуфиналето од Ф4 турнирот во Келн е закажано за вторник, кога ќе биде познато кој ќе биде ривалот на Вардар во битката за големото финале.

Се вчитува...