Ф4 е на дофат: Веспрем водеше со „плус три“… и тогаш во игра влезе Кире Лазаров

Нант одигра уште еден фантастичен меч во Лигата на Шампионите, тимот на Кире Лазаров славеше на домашен терен над Веспрем со резултат 32-28 и се наоѓа на чекор до пласман на фајналфор турнирот во Келн. Откако во претходната рунда го елиминираа Киелце, Лазаров и соиграчите и вечерва беа на високо ниво, а можат само да жалат што триумфот не е уште поубедлив ако се знае дека во неколку наврати во второто полувреме имаа и по седум гола предност.

Веспрем беше тимот што беше подобар на почетокот од натпреварот, кога на десен бек кај Нант играше Шпанецот Гурбиндо. Ненадиќ погоди за водство на гостите од 7-10, кога тренерот Ентрериос реши во игра да го уфрли Кире Лазаров, со што почна извонредната серија на Нант. Македонецот постигна три гола до крајот на полувремето, а францускиот клуб не само што се врати, туку и направи голем пресврт, на одмор заминувајќи со водство од 16-12.

Нант потоа го отвори и вториот дел со три гола, стигнувајќи до најубедливи „плус седум“, период во која гостите се мачеа да го најдат патот до мрежата на голманот Нилсен. Веспрем за момент се разбуди, стигна до „минус три“, притоа и Македа промаши зицер, по што следеше нова серија голови на Нант. Лазаров промаши шут во моментите кога Нант повторно водеше со седум гола разлика, за Веспрем во самиот финиш да се врати и да намали на поподносливи „минус четири“.

Македонскиот капитен го заврши натпреварот со четири гола од девет обиди, а поефикасен од него кај Нант беше единствено Ривера со шест гола. Голманот Коралес бранеше одлично за Веспрем со вкупно 16 интервенции, а во нападот најефикасен беше Маргуч со осум погодоци.

Се вчитува...