Вест хем конечно победи, но остана без двајца асови

Вест хем конечно ја забележа првата победа сезонава откако на гостински терен триумфираше над Евертон, но Мануел Пелегрини остана без услугите на двајца клучни фудбалери за периодот што следи.

Џек Вилшир ќе мора да отсуствува подолго време откако беше обелоденето дека искусниот играч за врска ќе мора да замине на операција. Станува збор за проблем со зглобот што лекарите не можеа да го санираат без хируршки зафат, па сега поранешниот ас на Арсенал ќе мора да отсуствува најмалку шест седмици од терените.

Уште поголем проблем за Пелегрини е повредата на Арнаутовиќ, кој мораше да биде заменет неколку минути по постигнувањето на голот на „Гудисон парк“. Првичните информации се дека станува збор за повреда на коленото, сериозноста се уште не е утврдена, но се очекува Арнаутовиќ да ги пропушти наредните две средби на Вест хем, во кој лондонскиот клуб ќе има пеколно тешка задача, против Челси и Манчестер јунајтед.

Се вчитува...