ВЕТЕНО-СТОРЕНО: Феноменалниот Столе го одбрани Рајо од Реал Мадрид и Белингам! (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски онака како што вети, ја сочува мрежата на Рајо Ваљекано на гостувањето против големиот Реал Мадрид за реми без голови со „кралевите“ во 12. коло од Ла Лига.

Столе беше извонреден на голот на Рајо не дозволувајќи и покрај огромната доминација на домашните да дојдат до посакуваниот погодок, како потврда на своите квалитети кои и тоа како се веќе познати на Пиринејскиот полуостров и во Европа.

Димитриевски уште во првото полувреме одбрани два зицери на домашните, не дозволувајќи погодок на големиот фаворит во својата мрежа уште во раната фаза од натпреварот.

Уште на самиот старт Реал имаше шанса да поведе кога во 6. минута Федерико Валверде искористи една грешка на одбраната на Рајо и излезе „еден на еден“ со Димитриевски, меѓутоа македонскиот чувар на мрежата со извонредна интервенција спречи погодок.

Во 39. минута и Жоселу од непосредна близина имаше 100% шанса, но Димитриевски со неверојатна интервенција спречи гол за „кралевите“.

Во второто полувреме во континуитет се редеа нападите на Реал Мадрид. Не беа создадени некои изразито 100% шанси, но Димитриевски и тоа како покажа максимална сигурност на голот внесувајќи мир во одбраната на гостите која до крајот успеа да ја зачува својата мрежа за посакувано реми без голови против „кралевите“.

Реал Мадрид, по овој кикс, сега ја препушти водечката позиција во Ла Лига само на Џирона која е со 31 бод на врвот, а „кралскиот клуб“ со 29 бода е на втората позиција.

Се вчитува...