Видал: Ќе играм за било кој, само не за Реал Мадрид

Артуро Видал е подготвен повторно да ги менува клупските бои, откако Чилеанецот се најде на листата непожелни фудбалери на новиот тренер на Барселона, Роналд Куман. Тој остро ја критикуваше управата за начинот на кој се однесува во овој кризен период, но сепак порача дека од почит кон Барса никогаш не би го облекол дресот на лутиот ривал Реал Мадрид.

„Не ми се допаѓа како се одвиваат работите. Нормално е во даден момент да си прекуброен во клубот, но многу е важно како ќе се изреализира следниот трансфер. Ако не сум потребен, требаше да се седне, да се најде нов клуб и да се даде зелено светло за заминување. Наместо тоа, цело време се вадат имиња на играчи што ќе мора да заминат, како тие да се виновниците за она што се случи. Проблемот на Барса е многу подлабок и нема да се реши само со заминување на неколку фудбалери. Како и да е, овој клуб ми останува во срце, навивачите ме прифатија со раширени раце и ми покажаа огромна љубов. Поради тоа, никогаш не би ги разочарал со преселба во Реал Мадрид. Ќе играм за било кој друг клуб, но никогаш за Реал“, дециден е Видал.

Долго време се чинеше дека Интер е апсолутен фаворит во трката за потпис на Видал, но лесно може да се случи Чилеанецот да се врати во Јувентус откако на клупата на „старата дама“ пристигна Андреа Пирло.

„Пирло е извонредна личност и Јуве направи вистински потег со неговиот ангажман. Доколку тој ме повика и сака повторно да соработувааме, тоа сигурно ќе биде добра опција за мене“, истакна Артуро Видал.

Се вчитува...