Видал си оди од Интер – парите не го интересираат, сака пак да ја почувствува страста кон фудбалот

Артуро Видал е на добар пат да си замине од Интер, откако влегол во завршна фаза од преговорите за трансфер во Бока јуниорс. Чилеанскиот ветеран има уште една година од договорот со Интер, но италијанскиот вицепрвак му дава отворена врата да се замине и да се ослободи од платата од 9,5 милиони евра (бруто) што „нероаѕурите“ би требале да ја покријат доколку тој остане на „Џузепе Меаца“.

Роднината на Видал, Гонзало Васкез, во разговор за аргентинското радио „Ла Ред“ потврди дека искусниот фудбалер е многу блиску до преселба во Бока.

„Видал е многу блиску до Бока. Имаше неколку понуди на маса, но него не го интересираат парите. Да сакаше пари, ќе заминеше во Катар или во Америка. Видал сака повторно да почувствува страст, да ужива додека „Бомбоњера“ се тресе. Затоа и понудата на Бока ја разгледува најсериозно. Се интересираше и Фламенго, му даваше најразлични комплименти, но Бока е многу поконкретна. Верувам дека трансферот наскоро ќе се официјализира“, изјави Васкез.

Се вчитува...