Видерер до ракометарите: Разберете дека не постои перфектна одлука…

Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, го возврати ударот кон ракометарите, откако европската куќа на ракометот беше критикувана за термините што ги одреди за завршница на сезоната во Лигата на шампионите. Дел од играчите гласно ги критикуваа челниците на ЕХФ за понудениот термин Ф4 турнирот во Келн да се игра кон крајот на август, но Видерер потсети дека станува збор за принудна одлука.

„Сакам да прашам нешто, што е перфектно во ситуацијава? Треба сите да разберат дека не постои перфектна одлука, ова е вонредна состојба во која се преземаат вонредни мерки. Ние први објавивмe датуми за одигрување доколку коронавирусот се рашири, што подоцна се случи. Работиме напорно за да најдеме начин натпреварувањата да се одржат, да бидат организирани на највисоко ниво како и досега. Критиките не се оправдани бидејќи ние не го правиме ова затоа што сакаме, туку затоа што сме принудени“, изјави Видерер.

Главна причина за незадоволство кај ракометарите беше што нивните договори со клубовите истекуваат на крајот на јуни, што практично значи дека со претходно договорените трансфери ќе немаат право за настап за своите екипи доколку обезбедат учество на Ф4 турнирот во Келн.

„Свесни сме за проблемот, наша следна задача ќе биде да ги анализираме организациските и техничките услови и да ги приспособиме на новонастанатата ситуација“, истакна првиот човек на ЕХФ.

Се вчитува...