Виктор Треневски си поднесе оставка на тренерската функција во ФК Работнички. Сега веќе поранешниот стратег на „романтичарите“ како што вели на таков чекор се одлучил по серијата лоши резултати на тимот на стартот од новата натпреварувачка сезона.
По вчерашниот пораз од Академија Пандев веќе и се најавуваше заминувањето на Треневски од клупата на македонскиот прволигаш. Сето тоа денеска и официјално го потврди и самиот Треневски…
„Поднесувам неотповиклива оставка на тренерската функција во Работнички. Согласно слабите резултати на тимот и амбициите на клубот да биде меѓу позициите при врвот мислам дека треба јас да ја сносам одговорноста како шеф на стручниот штаб. Работнички е голем клуб, му посакувам се најдобро, ја заокружувам работата од овие 13 месеци која беше навистина одлична. Беше релативно успешно во изминатиот период, нема да го оценувам периодот низ овие четири натпревари, но не тргнавме најдобро и во моментот е најважно да се направи ете еден позитивен шок, да си заминам. Тоа е моја одлука и секој тренер во еден ваков клуб треба да си ја понесе“ – вели Виктор Треневски, кој денеска и официјално ќе се збогува и од фудбалерите и стручниот штаб на тимот.
„После овој разговор одам да се поздравам со играчите и да ги информирам дека си заминувам. На Работнички му посакувам многу среќа во продолжението од шампионатот и благодарност до раководството и сите луѓе со кои успешно соработував“ – дополнува досегашниот тренер на „романтичарите“.
Наредниве денови се очекува раководството на клубот само да ја потврди разделбата со Виктор Треневски, и до крајот на неделата да се назначи новиот шеф на стручен штаб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА