Виктор Троицки му кажа збогум на тенисот

Српскиот тенисер Виктор Троицки  ја заврши својата професионална кариера на 35-годишна возраст. Желба на Троицки беше последен турнир во кариерата да му биде Вимблдон, но српскиот ветеран не успеа да се пласира на главниот турнир, откако во квалификациите загуби од Брендон Накашима.

Троицки има зад себе бројни настапи на најголемите турнири, но најголем успех му е оној со српската репрезентација, кога во 2010 година стигна до титула во Дејвис-купот. Тој има освоено и три АТП-турнири, во Москва во 2010 и во Сиднеј во 2015 и во 2016 година. Најдобар ранкинг во кариерата на Троицки остана оној од 2011 година, кога се искачи на дванаесеттото место на АТП-листата. Тој минатата сезона почна да ја извршува функцијата селектор на тениската репрезентација на Србија.

Меѓу првите кои му го честитаа пензионирањето на Троицки беше најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ.

„Мој пријателе. Беше многу важен дел од мојот личен раст и тениската приказна што ја живеам. Ти благодарам, брате. Можеби ова е крај на една фантастична кариера, но не се сомневам дека ќе бидеш инспирација на нови шампиони. Фала ти за се и среќно“, му порача Ѓоковиќ на Виктор Троицки.

Се вчитува...