Кабаљеро ги мина прегледите во Челси, ќе биде поддршка на Куртоа

Вили Кабаљеро го менува дресот на Манчестер сити со оној на Челси, а 35 – годишниот чувар на мрежата пристигнува на „Стемфорд бриџ“ како слободен агент. Искусниот аргентински голман денеска ги мина медицинските прегледи, а официјалното претставување ќе биде на 1. јули. По тригодишниот престој во Сити, Кабаљеро доаѓа како замена за Асмир Беговиќ, откако Босанецот потпиша за Бурнемаут.

Кабаљеро забележа само 23 настапи  во три сезони за Манчестер сити,  но главно бранеше во домашните купови, додека Џо Харт, а потоа и Клаудио Браво беа прв избор на менаџерите на „граѓаните“. Гвардиола втора сезона по ред троши значителен дел од касата за нов голман. Клаудио Браво минатата сезона пристигна од Барселона за 18 милиони евра, а пред неколку дена „граѓаните“ го официјализираа трансферот на Едерсон од Бенфика. Се очекува Бразилецот да биде првиот избор на шпанскиот стратег во новата сезона, откако Браво ја загуби довербата кај Пеп.

За услугите на Кабаљеро се интересираа и Њукасл и Бока јуниорс, но Аргентинецот го одбра Челси, знаејќи дека е актуелен шампион на Англија, ќе игра во ЛШ, а во иднина ќе има шанса да додаде уште некој медал пред крајот на кариерата.

Се вчитува...