Вилијан потпиша за Вардар – „самба“ во „црвено-црно“

На помалку од една седмица пред почетокот на новата европска авантура Вардар ја засили навалната линија, потпишувајќи договор со Бразилецот Вилијан Лира Соуза. Станува збор за 25-годишен напаѓач роден во бразилскиот град Алтамира, во неговата кариера има настапувано за клубови од Бразил и во Индонезија. Во Вардар доаѓа од бразилскиот тим клуб Сао Бернардо, каде настапуваше во последните шест месеци.

Драго ми е што потпишав за Вардар, и со нетрпение чекам да заиграм во новиот клуб. Знам дека станува збор за најдобриот клуб во Македонија кој секогаш има високи амбиции и цели како на домашна, така и на меѓународна сцена. Се надевам дека со моите настапи и голови ќе придонесам Вардар да дојде до титулата, како и до успешни настапи во Европа. Исто така посакувам брзо да се наметнам кај стручниот штаб и очекувам добро да бидам прифатен од моите нови соиграчи“, изјави Вилијан Лира по потписот на договорот.

Останува да се види колку е физички подготвен новиот фудбалер, бидејќи од тоа ќе зависи дали и колку тој ќе може да им помогне на „црвено-црните“ во претстојниот двомеч против Пјуник во квалификациите за Лигата на Европа.

Се вчитува...