Вилјареал во последното коло од Ла Лига славеше на гостувањето кај Барселона со 0-2 и успеа да се избори за место во Европа следната сезона. Педраза во 41. минута ја затресе мрежата за гостите, а Гомез во 55. минута донесе и водство од 0-2.
„Жолтата подморница“ како противник за седмото место кое води во Конференциската лига го имаше Атлетик Билбао кој загуби на гостувањето кај Севилја со 1-0. Единствениот гол го постигна Рафа Мир на асистенција на Ламела во 68. минута.
Средбата помеѓу Реал Сосиедад и Атлетико Мадрид заврши со победа на гостите од 1-2. Откако мрежите мируваа во првото полувреме, де Пол со гол во 50. минута ги донесе „јорганџиите“ во предност, а шест минути откако влезе на теренот Кореа во 69. минута ја затресе мрежата за 0-2. Почесниот гол за домаќините го постигна Гуриди во третата минута од судиското продолжение.
Претходно беше познато дека следната сезона во Лигата на Шампионите ќе настапат Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид и Севилја, а Бетис и Реал Сосиедад во Лига Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА