Вилнев: Фетел може да напише книга „Како да загубиш титула во Ф1“

Поранешниот шампион во Формула 1, Жак Вилнев, упати жестоки критики на адреса на Себастијан Фетел поради грешките што Германецот ги направи во последните трки, овозможувајќи му на Луис Хамилтон предвреме да си создаде огромна предност од 67 бода во битката за шампионската титула. Фетел имаше судир со Ферстапен во битка за третото место на последната трка во Јапонија, по што ги загуби шансите за највисок пласман, уште една во низата грешки на Германецот.

„Тоа беше грешка на Фетел, беше предалеку од Ферстапен, но како да водеше инает, решен да го мине по секоја цена иако тоа не беше возможно. Ферстапен не може да се тргне и да го остави Себастијан да го мине само затоа што тој така наумил, судирот беше неизбежен, воедно е и уште еден доказ дека Фетел го нема фокусот што е неопходен за да се стане шампион. Тој може и да напише книга за оваа сезона под наслов „Како да загубиш титула во Формула 1“, бидејќи направи толку многу грешки. Главната разлика меѓу него и Хамилтон е што Луис размислува пред да тргне во напад, Себастијан не го прави тоа, па и многу често ја плати цената за непромислените одлуки“ – истакна Вилнев.

Следната трка од Формула 1 шампионатот ќе се вози во Остин, каде Хамилтон ќе има можност предвреме да ја осигура новата шампионска титула.

Се вчитува...