„Вимблдон? Може ќе кажете дека сум лудак, но можам да стигнам до титулата“

Трикратниот шампион на Грен слам турнирите Енди Мареј, верува дека може да се натпреварува со најдобрите светски тенисери и дека е способен уште еднаш да го освои Вимблдон. Британецот го пропушти почетокот на сезоната во Австралија, бидејќи бил заразен со коронавирус. Првите натпревари ги играше во Италија. Потоа беше поразен во првото коло на турнирот во Монпелје, а потоа стигна до второто коло во Ротердам.

Поради раѓањето на четвртото дете, тој се откажа од натпреварувањето во Дубаи, а повторно треба да биде на теренот на тенискиот турнир во Мајами.

„Знам дека сум способен да играм на високо ниво. Зборував со мојот тим во декември, чувствував дека можам да стигнам далеку на Австралија опен. Почнав да верувам, да ги визуелизирам работите, што не беше случај претходните години. Затоа, очекувам добри резултати сега. Освојувањето на титулата во Мајами сега звучи премногу амбициозно, но чувствувам дека можам да се натпреварувам со најдобрите во светот. Се надевам дека ќе останам здрав и во наредните месеци, дека ќе играм повеќе натпревари и дека ќе победам повеќе противници“, рече Енди.

Во моментов Енди е 119-ти тенисер во светот, но и покрај тоа е убеден дека може да стигне до титулата на Вимблдон, каде триумфираше во 2013 и 2016 година.

„Сакам да бидам на теренот на Вимблдон. Чувствувам дека имам шанса да го освојам. Свесен сум колку тоа би било тешко, но верувам дека е можно. Потребни се месеци вежба и тренинг, натпревари, добро здравје. Но, чувствувам дека е можно. Сигурен сум дека некои луѓе ќе речат дека сум луд и дека моите најдобри денови завршија, што може да биде вистина. Но, сепак верувам дека можам да се натпреварувам со најдобрите играчи на најголемите турнири“, заклучи Мареј.

Се вчитува...