Винициус потпиша за Реал: Ме бараа големи клубови, јас го избрав најголемиот

Бразилското „чудо од дете“ Винициус Жуниор уште во мај 2017 година го договори трансферот во Реал Мадрид, вреден огромни 45 милиони евра за момчето што во тој момент имаше само 16 години. Откако стана полнолетен Винициус доби право за доаѓање во Европа, па бразилскиот тинејџер денеска и официјално беше претставен како второ летно засилување на актуелниот европски првак, по Алваро Одриозола.

Овој суперталентиран напаѓач ќе ги мине подготовките будно следен од Хулен Лопетеги, по што новиот тренер на Реал ќе ја донесе конечната одлука – дали Винициус да остане во првиот тим, да биде испратен во младинската екипа или пак да биде позајмен во друг шпански прволигаш.

„Ме бараа големи клубови, но јас го избрав најголемиот и убеден сум дека Реал Мадрид е најдобрата екипа за мене. Чест ми е што станувам дел од овој гигант на само 18 години, ќе им покажам на тренерот и на новите соиграчи дека сум подготвен за игра. Секогаш сум се жртвувал за се во животот, така ќе биде и овојпат, па на крајот тренер ќе реши што е најдобро за мене и за Реал Мадрид“ – изјави Винициус по потписот со „кралевите“.

Се вчитува...