Витингтон: Сакам прва победа во дресот на Македонија

Шејн Витингтон имаше неславно деби во дресот на македонската репрезентација, при шокантниот пораз на гостувањето во Швајцарија во претходниот претквалификациски циклус. Сепак, тоа е само мотив повеќе за центарот на Андора да се покаже во уште подобро светло на неделниот дуел со Косово и да помогне Македонија да стигне до нов триумф, што би бил прв за него во репрезентативниот дрес на нашата земја.

Витингтон од вчера почна со тренинзи со репрезентацијата, видно мотивиран да помогне во остварувањето на заедничката цел.

„Прекрасно е чувството да се биде повторно овде. Поразот од Швајцарија го прави мојот мотив уште поголем, да помогнам да се победи Косово и да се обезбеди пласман во главните квалификации. Сега адаптацијата е многу полесна бидејќи веќе се познавам со остатокот од кошаркарите, атмосферата е одлична и верувам дека ќе ми се оствари желбата – прва победа во дресот на Македонија. Да бидам искрен, немам премногу информации за Косово, но на крајот се ќе зависи од нас бидејќи ако играме како што знаеме сигурно ќе стигнеме до победата“ – истакна Витингтон.

Се вчитува...