Владата со награда за ракометарите: Секој ваш меч беше доказ за силата на македонскиот спортски дух

Ракометната репрезентација на Македонија на чело со селекторор Кире Лазаров денеска беше гостин во просториите на Владата на Македонија, каде од страна на Премиерот Мицкоски и Министерот за спорт Ристовски им беа упатени честитки за одличниот настап на СП 2025.

Воедно, Христијан Мицкоски обелодени и дека Владата донела одлука за награда на ракометниот национален тим во вкупна висина од три милиони денари.

„Денеска заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски ги примивме македонските ракометни репрезентативци кои настапија на Светското првенство во ракомет што се одржа во Република Хрватска.

Во име на Владата и во мое лично име, сакам од срце да им честитам на нашите ракометари за одличниот настап и за гордоста што ни ја донесоа со своите храбри игри во Хрватска! Вие повторно покажавте дека со борбен дух, посветеност и заедништво можеме да ги поместиме границите на можностите и да ја претставиме Македонија во најдобро светло.

За таа цел Владата донесе одлука да додели премија на Ракометарите во висина од 3 милиони денари, како резултат на достоинственото претставување  и пожртвуваноста на македонските спортисти во Хрватска.

Секој ваш натпревар беше доказ за силата на македонскиот спортски дух. Борбата на теренот, срцето што го оставивте за нашиот дрес и поддршката што ја добивте од македонските навивачи се вистински пример за тоа што значи љубов кон татковината“, објави Христијан Мицкоски.

Се вчитува...