Владе Дивац плати за „промашувањето Дончиќ“, доби отказ во Сакраменто

Владе Дивац е првата „жртва“ по официјалното завршување на регуларниот дел од сезоната во НБА-лигата, откако легендарниот кошаркар доби отказ од функцијата генерален менаџер на Сакраменто. Србинот ја извршуваше оваа функција во последните пет години, но не успеа да состави квалитетен состав што би се вклучил во борбата за висок пласман. „Кралевите“ и сезонава останаа без место во плејофот, по што беше донесена одлука Дивац да не биде повеќе прв оперативец на клубот.

За главен „грев“ на легендарниот кошаркар му се зема лошиот избор на драфтот во 2018 година, кога Дивац можеше да го земе Лука Дончиќ, но наместо него го избра Марвин Багли. Згора на тоа, Србинот инсистираше за тренер за сезонава што изминува да го именува Лук Волтон, кој исто така се покажа како промашување, па на крајот разделбата меѓу Дивац и Сакраменто стана неминовна.

За нов генерален менаџер на Сакраменто е именуван легендарниот плејмејкер на Детроит, Џо Думарс, кој лани ја извршуваше функцијата специјален советник на генералниот менаџер.

Се вчитува...