Владимир Димитровски, ново засилување за Работнички

Македонскиот прволигаш Работнички доведе квалитетно засилување во финишот на летниот преоден рок. Повремениот македонски фудбалски репрезентативец Владимир Димитровски е ново засилување за „романтичарите“. Тој денеска потпиша шестмесечен договор со клубот и ќе ја засили конкуренцијата во одбранбената линија, објави клубот на својот официјален сајт.

Во изминатите две години, Димитровски беше интернационалец во Грција, каде што настапуваше за Керкира и за Докса Драма, а во сезоната 2012/13 беше дел од Работнички.

Во Македонија, Владимир Димитровски во минатото има настапувано и за Вардар, Металург и за Цементарница, а интернационална кариера градеше во Белгија, Хрватска, Чешка и во Азербејџан. Со неговиот квалитет и искуството што го поседува, сигурно ќе претставува големо засилување за составот на Ѓоре Јовановски.

Се вчитува...