Владо Илиевски ја отвори душата: Во Цедевита бев директор без моќ за одлучување…

Цедевита Олимпија има зад себе разочарувачка сезона во која словенечкиот првак целосно потфрли и во Еврокупот и во АБА-лигата, а на крајот цехот го плати Владо Илиевски.

Македонецот ја извршуваше функцијата на спортски директор во клубот од Љубљана и неодамна беше објавено дека е сменет со Шпанецот Чечу Мулеро. Илиевски не го крие разочарувањето од се што се случуваше изминатата година, па во интервју за словенечки „Спортклуб“ легендарниот македонски кошаркар отворено проговори за проблемите во Цедевита Олимпија, обелоденувајќи дека иако ја имаше функцијата на спортски директор, тој немал моќ да ги носи клучните одлуки во клубот.

„За одлуката дека ќе бидам сменет бев известен една седмица пред да биде објавено името на мојот наследник. Тоа е вообичаено во светот на спортот и одлуката ја прифаќам, но ми пречи што сум прва жртва и со тоа некако претставен како главен виновник. А приказната е сосема поинаква. Кога дојдов во клубот веќе имаше потпишано договори со 11 кошаркари, со што буџетот беше исполнет и немаше простор за нови играчи. Беше доведен нов тренер на тригодишен договор со слобода целосно да го избира тимот, а на платниот список беа задржани Едо Муриќ, кој цела сезона паузираше поради повреда и Зоран Драгиќ, кој земаше цела плата, а истовремено имаше слобода да си бара клуб во странство и да си замине кога и да посака“, изјави Илиевски.

Тој не го криеше и разочарувањето од работата на Симоне Пјаниџани, поранешниот италијански стратег во чие доведување Илиевски немаше никаква улога.

„Уште од стартот на подготовките бев загрижен бидејќи беше забележлива слабата работа што се одрази и потоа врз резултатите. Да бидам искрен, јас никогаш не би го зел Пјаниџани за тренер, тој е тренер со респектабилно резиме, но исто така и тренер што секогаш работел во скапи проекти. Набрзо стана јасно дека тој не ја следи клупската замисла за развој на домашни кошаркари. Неговото кошаркарско знаење е недискутабилно, но ова е спорт и се бараат резултати“, објаснува Владо Илиевски.

Македонецот мина блескави години и како играч во Олимпија, но за жал директорското искуство не беше подеднакво успешно.

„Зборував со играчите, голема е разликата, пред се бидејќи нема притисок од трибините се е поразлично, тој притисок е позитивен и придонесува тимот да има повеќе енергија на теренот. По една ваква сезона вината е кај сите нас, јас не сум исклучок. Не бегам од одговорноста, ако јас ги бирав тренерот и играчите ќе си поднесев самиот оставка уште во октомври. Што би направил поинаку? Дефинитивно би бил уште погласен, јас зборував сите овие месеци, но оние луѓе кои се над мене хиерархиски не ме слушаа. Бев одбиен за одредени предлози што ги давав за кои верував дека ќе ни помогнат“, вели Илиевски.

Се вчитува...